киропрактика

На овие простори за киропрактиката се уште се зборува со скепса, бидејќи таа не спаѓа во ниту една гранка од официјалната медицина, но во светот важи за легитимна гранка од медицината која на природен начин се обидува да влијае на човечкото здравје, без употреба на лекови и хируршки зафати.

Многу често луѓето се жалат на болки во грбот или нозете. После специјалистичките прегледи се дијагностицира дегенеративна промена, се препишуваат вежби, противвоспалителни лекови или физикална терапија, а после тоа луѓето се препуштени сами на себе. Во голем број случаеви и после поминатата терапија, болките не попуштаат или после привремено подобрување повторно се појавуваат. Причина за тоа е бидејќи во примарното здравство недостасува една алка, а тоа е киропрактиката. Доктор по кирипрактика е квалификуван стручњак кој со манипулација-движења ги доведува вашата кичма и зглобовите во оптимална положба и на тој начин ги отстранува механичките пречки во локомоторниот состав.

Рбетниот столб – има повеќеструка функција. Покрај тоа што ни служи како потпора и ни овозможува исправено држење, одење, седење и движење, служи и како куќиште на рбетниот мозок чии што нерви се разгрануваат низ отворите помеѓу пршлените. Рбетот е комплексна градба. Се состои од пршлени, рскавици и лигаменти кои му овозможуваат еластичност во сите правци. Ако се нарушат тие односи после траума или дегенеративни промени, настануваат проблеми кои можат да се манифестираат не само како болка во грбот, туку и како нарушувања на работата на одделни органи.